Народен театар Охрид со претставата “Сергеј е многу глупав” вечерва гостува на фестивалот „Охридско лето“.

Во претставата „Сергеј е многу глупав“ се разигрува ситуација во која се кршат границите на реалноста во животот на еден актуелен современ лик – компјутерски програмер кога ненадејно и на „голема врата“ во неговиот живот влегува апсурдот. Од Сергеј се очекува брзо и вешто да научи да комуницира со него, нешто за кое тој однапред нема напишан„код“.

Во претставата, наједноставната животна ситуација одеднаш се претвора во егзистенцијална ситуација. Курири–доставувачи, неочекувано доаѓаат кај програмерот и уште од прагот соопштуваат дека имаат намера да поминат точно еден час со Сергеј, по што ќе му дадат пратка со непозната содржина.Од овој момент па натаму, започнува надреалнo шоу кое го вовлекува гледачот во динамична игра во која дијалозите и хероите ги рушат сите очекувани театарски стереотипи и во која крајот за гледачите е целосно непредвидлив. Страв од средбата со „непознатото“, обидот да се погледнат првичните работи од нов агол, сево ова го оттргнува ликот од вообичаената рутина и му го разнишува светот. Повеќе ништо нема логика. Обичниот живот му е претворен во апсурд. Со други зборови, сите ние можеби сме „Сергеј“ на нашето време, вели режисерката Дејана Николовска.

Оваа сатира, додава Николовска, која за прв пат се поставува во С. Македонија, ни открива автентична поетика на автор со длабоки познавања на руската литература и теорија.

Тој багаж имплицитно ни го разоткрива слој по слој, низ репликите: од воведување на име, презиме улица и број, уште на почетокот на пиесата – како карактеристики на руската урбана поетика, преку дијалогизмот, карневализацијата и полисемијата за кои зборува Михаил Бахтин, до доста луцидното и успешно флертување со поетиките на автори како Чехов, Достоевски, Булгаков, Хармс…како и народната руска литература. Како такво, ова драмско дело можеме да го вброиме во наследниците на руската „авангарда“, оние од 21 век, додава режисерката.

Улогите ги толкуваат: Сергеј – Никола Тодороски, првиот курир – Стрезо Стаматовски, вториот курир – Горан Стојаноски, третиот курир – Филип Кипровски и Маша – Леонида Гулевска.

Претставата ќе биде одиграна во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 21 часот.

OhridNews