– Се соочуваме како општество со недоволна одговорност на полицајците при вршењето на нивните службени задачи, а исто така има појава на солидарност помеѓу полицајците, како и една наша перцепција како институција дека сторителите на ваквите дела не се казнуваат, што треба да не загрижи, изјави омбудсманот Иџет Мемети.
Тој изрази уверување дека правосудните органи согласно законот до крај ќе го расветлат слулајот и упати апел до сите лица кои по закон имаат овластувања да применуваат средства за присилба било тоа да се полицајци, чувари, или вработени во затвори, психијатриски установи и специјални болници, хумано да постапуваат со лицата кои се лишени од слобода.
Жалење за немилиот настан изразува и мисијата на ОБСЕ во Македонија, која очекува институциите на системот да ги утврдат вистинските факти во случајот.
– Има простор за прашања во овој случај, пред се како може полицаец при извршување на својата работа да се однесува на тој начин и секако треба да се утврдат фактите и да се види како можело да дојде до такво однесување, рече Ралф Брет- Амбасадор на ОБСЕ во Македонија.
Во организација на Народниот правобранител на Република Македонија, ОБСЕ, и шведската фондација „SIDA“, во Охрид се одржува Регионална конференција на тема „Улогата на омбудсманот во борбата против дискриминацијата и превенцијата од тортура“. На конференцијата на која учествуваат омбудсмани од земјите во регионот и експерти од областа на заштитата на човекови права, се разговара за востановување на национални механизми за превенција на тортура како нова надлежност на институцијата Омбудсман.
– Тортурата и дискриманцијата се области во кои општествата во иднина треба да вложат огромен труд по однос на тоа што значи формална и законска поставеност на институциите, односно на механизмите за превенција и заштита и нивна поткрепа за да можат успешно да се справат со овие општествени феномени.-истакна Мемети.
Тој најави дека наскоро ќе биде промовиран национален тим за превенција од тортура, со што како што истакна, институцијата Народен правобранител поуспешно ќе се справува со случаите на дискриминација и нарушување на човекови права.