Драмската програма на фестивалот „Охридско лето“ продолжува вечерва со театарската претстава „Демони“ од Ларс Норен, во режија на Васил Христов, а во изведба на НУ Народен театар – Битола.
Претставата ќе се одигра во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 21 часот и е наменета за целата публика.
Улогите ги играат Илина Чоревска, Огнен Дранговски, Марија Стефановска и Здравко Стојмиров. Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата на Андреј Ѓоргиевски.
„Демони“ напишана во 1982 година e црна комедија, во која преку комбинација на хумор и моќен емоционален/психолошки импакт се трага по нови форми на експресија. Дијалогот инсистира на луд ритам и гради возбудлива музикалност. Духовита и сурова, во исто време. „Демони“ е драма за човечките доблести и несовршености, за љубовта и омразата.
Две двојки – сопружници, живеат во иста зграда, во стан еден над друг, се среќаваат, ги испреплетувааат своите животни приказни, состојби, тајни, двојби, ги исфрлаат на површина скриените внатрешни демони.
Ларс Норен е најголемиот шведски драмски автор по Аугуст Стриндберг, кај нас првпат поставен во театарски простор во режија на Васил Христов, во изведба на актерската екипа од НУ Битолски театар.

Васил е режисер на долгометражниот игран филм „Еј!” како и на повеќе кратки филмови, документарци, реклами, телевизиски серии. За краткиот филм „Писмо“ има добиено награда за најдобра режија на фестивалот Браќа Манаки како и Silver Remi награда за најдобар филм на Worldfest Houston. Неговиот краток филм „Судија“ е награден за најдобра режија на Science and Technology Film Festival Toronto. Во својата кариера има напишано повеќе сценарија, а работел и како предавач на SAE Institute Amsterdam и NHL Leeuwarden.
OhridNews












