Нема крај на проблемите со безбедноста во сообраќајот на жителите од охридско Лескоец. Тие се жалат на несовесниот однос на возачите кои упорно ги игнорираат поставените сообраќајни знаци и ограничувањето на дозволената брзина од 40 километри на час, колку што изнесува во ова населено место низ кое поминува регионалниот пат за Битола, каде се лоцирани и голем број индустриски капацитети.
Не помага, велат, ниту новата хоризонтална сигнализација поставена пред околу два месеци, која речиси никој не ја почитува.
Нон стоп луѓе преминуваат преку пешачките премини, ама една кола до сега нема застанато. А тука постојано поминуваат и деца. Дозволена брзина е 40 км/ч а возат над 80, особено навечер, како на писта! – велат резигнирано жители на Лескоец.
На овој патен правец, како и на други „жешки“ сообраќајни точки во Охрид и околината, забележително е присуството на сообраќајната полиција, но навиките, а пред се менталитетот на возачите тешко се менуваат. Жителите на Лескоец апелираат на поголема свест на возачите и грижа за безбедноста во сообраќајот на сите учесници, а на надлежните им порачуваат дека е потребен поголем фокус на ваквите проблеми кои, како што посочуваат, не се од вчера.
Г.М.