Непознат сторител ноќеска насилно ги обил двете врати од западната страна на катедралната црква Св. Софија, со кои се затвораа преминот низ дворниот просторот на црквата кој се користи како летна сцена. На двете страни искршени се бравите за заклучување.
На местото на настанот попладнево излезе полицијата која го документираше случајот и работи на негово расветлување.
Затворањето на овој простор предизвика револт кај локалното население, кое неодамна упати јавен протест до Дебарско-кичевската епархија од која беше побарано да ги отклучи поставените железни порти во текот на денот и да ги заклучуваат само во текот на вечерните часови.
-Ние немаме против поставувањето на ограда околу црквата туку напротив тој потег на МПЦ го сметаме за многу мудар, бидејќи истата придонесува за поголема заштита на црквата. Постојат податоци дека оваа црква била оградена и во минатото, но никогаш не бил ограден односно затворен преминот кој се наоѓа на западниот дел од црквата и претставува поврзување на улицата „Илинденска“ од Мостот на желбите до Горна Порта и обратно. Затоа бараме портите кои се поставени на овој премин да бидат отклучени само во текот на денот во периодот од 7 до 19 часот, со што ние би можеле слободно да го користиме преминот, – рекоа тогаш жителите на улицата „Илинденска“.
За решавање на овој проблем жителите до сега имале испратено неколку барања до Дебарско кичевската епархија и до општина Охрид, но не наишле на разбирање.
Потегот на западната страна на црквата „Света Софија“, пред да биде поставена новата ограда често беше мета на несовесни граѓани туристи и многу често се користше како јавен тоалет. За овој проблем многу пати пишуваа и медимите по поплаки од граѓани кои живеат во овој потег на стариот дел на Охрид.
Дали насилното обивање на металните врати има некаква поврзаност со недоразбирањата помеѓу локалните жители и црквата, или се работи за нешто сосема друго, треба да истражи полицијата.
OhridNews



















