Покрај во центарот на Охрид насипи се поставуваат и на двете стрaни од реката Црн Дрим во Струга. Според последните податоци, на испустот на водата од езерото кај Струга во реката Црн Дрим се излеваат 66 метри кубни вода во секунда, а се прават напори со чистење на Мал Дрим, да се примат дополнителни количини вода од каналите во струшко, како и со евентуалното пренасочување на реката Сатеска во старото корито кое исто така деновиве интензивно се чисти.
Екипи на Дирекцијата за заштита и спасување долж охридското крајбрежје ги чистат каналите и речните корита на повеќе потези. Веќе е исчистен еден дел од коритото на Даљанска, а се продолжува со чистењето на коритото на Коселска река. Во тек се активности за поставување насип со камења на потегот од Езерски Лозја до Сатеска, а се чисти и каналот на потегот од Мислешево до Црн Дрим.