Идејата за воведување на многу најавуваната бродска линија Охрид –Подградец, не е напуштена и за неа постои голем интерес кај локалните власти во трите крајезерски града.

Градоначалниците на Охрид, Струга и Поградец во изјава за медиумите по повод Денот на Езерото, истакнаа дека постои голем интерес кај нив за реализација на долгогодишната иницијатива.

-Ние сме во постојана комуникација на оваа тема особено со градоначалникот на Струга. Кај трите општини постои голем интерес да се воведе ваква бродска линија, за што имаше одредени законски проблеми на албанска страна кои сега мислам дека се надминати и се надеваме дека конечно ќе дојде до воспоставување на оваа бродска линија која ќе овозможи поголема фрекфенција на луѓе во овој регион, изјави градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески.

-Локалната власт никогаш не била пречка за воспоставување на бродската линија. Викендов во Албанија имаме избори, по што ќе добиеме нова власт, која верувам ќе даде поддршка за реализација на оваа идеја, изјави градоначалникот на Поградец Артан Шкемби. 

Надлежните институции од македонска страна и претходно истакнуваа дека се подготвени за воспоставување на бродска линија Охрид – Поградец.

OhridNews