Граѓаните на Охрид и Струга, како и жителите од југозападниот регион и соседните градови во Албанија Поградец и Корча, наскоро ќе имаат можност евтино да летаат до повеќе дестинации во Европа со нискобуџетни авиокомпании кои ќе оперираат од аеродромот „Св. Апостол Павле“. Ова денеска го најави градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески по средбата со претставници на „Визер“, Министерството за транспорт и врски и на аеродромот „Тав“, на која присуствувал и неговиот колега од Струга Зијадин Села.

-Имавме неколку средби во изминатите пет месеци со овие претставници и компанијата „Визер“, со кои се договоривме општините Охрид и Струга да субвенционираат евтини авио летови кои ќе бидат воспоставени во текот на целата година, не само во сезона од охридскиот аеродром.-изјави Бакрачески.

Тој истакна дека за реализација на оваа идеја била спроведена анкета на аеродромот во Скопје која поокажала дека најмалку 30 проценти од патниците кои слетуваат таму се од регионот кој е поблиску до аеродромот во Охрид.

-Тоа според анализите покажува дека е исплатливо да се воведат летови кон и од охридскиот аеродром со нискобуџетни компании.-додаде Бакрачески.

За таа цел Советот на општина Охрид донесе одлука во 2013 година да се издвојат 6 милиони денари за субвенционирање на авио линии со нискобуџетни компании, а тој чекор најавила дека ќе го следи и општината Струга. Дополнително за оваа намена општина Охрид во 2014 година планира да издвои 12 милиони денари.

-Разговарамве за дестинации во Северна Италија, градоначалникот на Струга предложи Цирих или аеродром во близина на Цирих и Виена, како и еден град во поранешна Југославија, а за нас најдобро би било тоа да е Љубљана.-рече Бакрачески.

Засега интерес за воведување на евтини авио летови од охридскиот аеродром покажале „Визер“ и „Адрија“. За воведување на вакви летови треба да се спроведе соодветна постапка и доколку се оди според предвидувањата се очекува редовните евтини летови со некоја од заеинтересираните нискобуџетни компании од аеродромот „Св. Апостол Павле“ да започнат околу Нова година.

Г.М.