Зградата во која е предвидено да биде сместен „Богословскиот факултет“ на Плаошник ќе започне да се гради наскоро. Овој објект, кој е дел од проектот за возобновување на „Светиклиментовиот универзитет“ ќе биде лоциран на северозападната страна од археолошкиот комплекс, каде што неодамна се вршеа ископувања за доистражување на просторот.

-Пред Нова Година интезивно се работеше на тој простор бидејќи истиот беше недоистражен, тие активности се веќе завршени и ќе може да започнеме со изградба на „Богословскиот факултет“. Во текот на изминативе денови беа извршени потребните мерења и во наредниот период, во зависност од временските услови ќе започнат активностите за темелење на објектот, информираше Тања Паскали Бунташеска, директор на Завод и музеј од Охрид.

Таа појасни дека најголемиот дел од истражувањата на археолошкиот комплекс на Плаошник се завршени и дека останале да се истражат само пристапните патишта.

-Во моментов истите се користат за дотур на граедежни материјали и археолошкото истражување на нив ќе биде извршено откако ќе биде завршена изградбата на објектите, најави Бунташеска, нагласувајќи дека сите градежни активности на објектите се одвиваат според предвиденото темпо.

Инаку во рамки на проектот за возобновување на „Светиклиментовиот универзитет“ во активна фаза на градба е „Музејот на Плаошник“.

Според планираното, во него ќе бидат изложени музејските предмети откриени при повеќегодишните археолошки истражувања на просторот, највредните икони од Галеријата на икони, епиграфските споменици, старите ракописи, а ќе има и сала за изложби. Во рамки на овој објект е планирано да има и музејска продавница и музејско бифе.

Веднаш до музејот ќе биде сместена зградата, наменета за „Светиклиментовата библиотека“ и „Центарот за хуманистички науки“. Од источната страна на црквата на „Плаошник“ се  лоцирани „Манастирскиот конак“ и Резиденцијалниот објект на МПЦ.

Е.М