– Планираме да воведеме градски линии со кои ќе се поврзат булеварот „Железничка“, населбата „Гоце Делчев“, дел од Воска и Видобишта со централно градско подрачје, пред се со позначајните институции меѓу кои и Здравствениот дом и општата Болница, вели раководителот на Секторот за собраќај при општина Охрид, Зоран Шикалески.
Освен овие линии, Шикалески најави дека ќе биде воведена и редовна автобуска линија до селото Завој.
Согласно законските прописи, се очекува одлуката на советот да биде објавена во службениот гласник на општина Охрид, по што ќе следи и распишување на објава за доделување на овие линии, на која ќе имаат право да се пријават сите заинтересирани превозници.
По завршувањето на постапката ќе се додели дозвола и лиценца за вршење на линискиот превоз до наведените населби.
Како што потенцираат од локалната самоуправа, со линискиот превоз засега се опфатени повеќето населени места во околината на Охрид, меѓу кои и Свети Наум, Трпејца, Пештани, Елшани, како и селата Велгошти, Куратица, Свињишта.