Привршува снимањето на документарниот филм за Охридското востание, чиј продуцент и режисер е охриѓанецот Илија Пиперкоски. Како што беше истакнато на денешната прес конференција по повод снимањето на филмот, станува збор за проект на луѓе ентузијасти и вљубеници во локалната историја на Охрид и во самиот град.

Историчарот на уметност, воедно и наратор во филмот, Никола Митровиќ, го потенцира големото значење на Охридското востание за македонското револуционерно движење и македонската историја, за што  многу малку се знае во јавноста.

На 12 септември се навршуваат 100 години од востанието, кое многу малку е популаризирано,  во учебниците воопшто и не е спомнувано. Затоа, на нас младите генерации ни останува одново да го популаризираме Охридското востание кое било предводено од Петар Чаулев и  кое може да се каже дека било на ранг на илинденското востание, вели Митровиќ.

Режисерот Пиперкоски информира дека во тек е завршната фаза на изработка на филмот, кој изобилува со архивски материјали, до кои како што вели Пиперкоски, на моменти било тешко да се дојде.

Се потрудив на што подобар начин да го прикажам историјатот на востанието. Мал проблем беа архивските снимки ,затоа што наидов на еден отпор во Белград и Софија и на негативен одговор. Голем дел од архивските фотографии и материјали или се избришани, или не се даваат како доказ , никој не сака да зборува за него, вели Пиперкоски.

Режисерот Пиперкоски информира дека во план е филмот премиерно да биде прикажан на 100 годишницата, на 12 септември или најдоцна во месец октомври, во рамки на симпозиумот посветен на Охридското востание, на кој ќе учествуваат познати историчари на уметност .

Охридското востание било организирано во соработка со албанскиот револуционерен комитет, што всушност претставува и соединување на македонците и албанците , против тогашната српска окупаторска власт. Значајно е што востанието се случува во 1913 година, кога е потпишан Букурешкиот мировен договор и може да се каже дека  воедно е и резултат на незадоволството на народот  од потпишувањето на мировниот договор и револт кон големите сили поради нивното учество во потпишувањето.

Т.К.