
-Охриѓани имаат обичај да речат – љуѓе прает, љуѓе расипвет. Романот „Светиот завет“ претставува пишано сведоштво за луѓето охридски што оставиле траен белег во животите на охриѓани, за настаните охридски што ги предодредиле судбините на охриѓани и за градот Охрид што е сакан, почитуван и вечен – од дамнина, па до денес. На самиот почеток стои – личностите и настаните во книгата се измислени, освен тие што не се; секоја сличност со личности и настани од вистинскиот живот е намерна.-вели авторот на романот, Томислав Тунтев.
Книгата се обидува да даде одговор на многу непоставени и до сега неодговорени прашања, поврзани со охридското битисување низ вековите – зошто бил создаден Редот на витезите на Св. Климент Охридски и како успеал да опстои и да го зачува Охрид повеќе од илјада и сто години; која е најголемата и најсветата тајна на охриѓани, што се чува во светозаветната ризница на Редот; која била вистинската мисија на Св. Климент Охридски во почетокот на Х век; каква била улогата на царот Јован Владислав во распаѓањето на македонската империја на почетокот на XI век; каде се наоѓала главната порта за влегување во градот; како поглаварот на Охридската архиепископија Димитар Хоматијан во 1204 год. го спасил Охрид од пустошење и уништување од страна на крстоносните војски; зошто севастократорот Бранко Младен во втората половина од XIV век ја изградил црквата Св. Јован Богослов Канео; зошто жупанот Андреј Гропа во историјата е запаметен како „господарот на Охрид“; како Охрид бил спасен од смртоносните чуми и колери во средниот век; како Охрид потпаднал под османлиско ропство дури 10 години подоцна од сите други македонски градови; како и каде биле пренесувани светите мошти на Св. Климент Охридски низ историјата и каде навистина се наоѓа денес неговиот череп; која е вистината за Синан Јусуф Челеби и Ејуп Сабри; кои биле славните фарии; каде навистина се наоѓаат посмртните остатоци на Григор Прличе; кој бил Кирил Прличе и која е неговата улога во пронаоѓањето на Св. Климентовата црква и гроб; кога и како се случил најголемиот грабеж на скапоцени предмети и реликвии од непроценлива историска, религиозна и културна вредност во Охрид; која е улогата на Ванчо Михајлов во убиствата на дејци и револуционери со охридско потекло; како и зошто е убиен Петар Чауле и која била неговата најголема заслуга за Редот; како е Охрид спасен од бомбардирање во 1944 год. и каде се наоѓа златото од охриѓаните што го спасило градот; која е вистината за Петре Пирузе, Илија Коцаре и Вернер Баумгартен; кои се Никола Групче и Митко Хаџикостов и која е нивната улога во приказната за охридското злато; кој ја чувал тајната за закопаното злато цели 50 години и како им ја открил на денешните генерации; зошто Охрид е првиот македонски град ослободен од фашистичката окупација, на 15-ти октомври 1944 год., иако официјалниот датум на неговото ослободување во историјата останал 7-ми ноември; како и зошто е убиен Иван Точко; каде е Учкале во Охрид; зошто Табана, Месокастро и Челница се викаат така; какви тајни кријат охридските цркви, куќи и улици; каде се наоѓаат подземните крипти што ја чувале тајната за светозаветната ризница на Редот; што претставува тајното црковно здружение Testamentum Sanctum…
Одговорите на овие прашања, како и уште многу други неверојатни и зачудувачки сознанија за Охрид и за охриѓани, ќе ги пронајдете во романот „Светиот завет“ – роман за светозаветните судбини на охриѓани – за нивните животни радости и небиднини, за нивните успеси и падови, за нивните надежи и разочарувања. Роман за нивните души, слеани во една – душата на нивниот град – градот на вечната светлина, градот на исконските тајни, градот на славните судбини. Роман за огромната љубов кон сопствениот град во име на Великиот Патрон и за неповторливото херојство, посветеност и пожртвуваност на охридските витези низ вековните животни премрежија. Роман за Охрид, роман за охриѓани, додава Тунтев.
На промоцијата се очекува кратко обраќање да имаат рецензентите на романот и авторот, а самата промоција ќе се одвива низ пригодни аудио и видео перформанси со охридски мотиви.
OhridNews













