На барање на родители и заинтересирани граѓани, на 12 март во 12 часот во големата сала на општина Охрид, ќе се одржи трибина за аутизмот во Охрид. Иницијатор е дефектологот Александра Апостолова, вработена во Општа болница Охрид, а предавач ќе биде истакнатиот професор Д-р Владимир Трајковски, од Институтот за дефектологија на Филозофски факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Д-р Владимир Трајковски е претседател на Македонското научно здружение за аутизам (МНЗА). Последните 17 години негова преокупација е аутизмот и первазивните развојни нарушувања. Од 2008 година е главен и одговорен уредник на списанието „Journal of Special Education and Rehabilitation“. Активно партиципира во приготвувањето и реализирањето на петнаесетина стручно-научни национални и интернационални проекти. Автор е на преку 80 трудови во домашната и странската периодика од кои девет се во списанија со фактор на влијание, како и четири скрипти наменети за студенти. Во моментот е член на Македонското здружение за хумана генетика, консултант и соработник на повеќе интернационални стручни списанија и член на разни тела на меѓународни асоцијации и здруженија (Аутизам Европа, ЕАСПД, ИАССИД, МАМХ) кои го третираат аутизмот, интелектуалната попреченост и инвалидноста.
На трибината ќе учествува и Д-р Сашо Василески, пратеник во Собранието на РМ и претседавач на интерпартиската група на лица со посебни потреби.
Трибината е наменета за родители, дефектолози, психолози, наставници, педијатри и другите стручни профили од охридско – струшкиот регион, кои се заинтересирани за проблемот. Пријавувањето за учество на трибината е во тек и може да се врши на на следната е-пошта: [email protected].
Одржувањето на трибината го помогнаа А.Д. „Галеб“ Охрид, и интернет порталот „OhridNews“, кој воедно е и медиумски покровител на настанот.
OhridNews