Во рамки на фестивалот „ Охридско лето“, вечерва со почеток во 21 часот во црквата „Св. Софија“ е настапот на италјанскиот сопран Џема Бертањоли, во пијано придружба на пијанистот Франческо де Зан.

Џема Бертањоли е сопранистка со јасен и чист глас, со одреден „ранлив“ квалитет и експресивна техника. Нејзината професионална кариера ја води до најголемите оперски куќи и концертни сали во светот. Нејзиниот оперски репертоар е разновиден и опфаќа голем број од ремек делата на оперската литература. Концертниот репертоар на Бертањоли пак се протега од Хендл, Бах, Перголези, Моцарт до Бетовен и Малер. Таа е најпрославена како интерпретатор на барокна музика во улогите напишани од  Хендл, Перголези и Вивалди во  низа оперски и концертни продукции. Реализира снимки со Чечилија Бартоли, Хуан Диего Флорез, Ева Меи и Хозе Брос.

Франческо де Зан се смета за еден од најинтересните пијанисти на неговата генерација, совршен и рафиниран камерен музичар. По дипломирањето на Конзерваториумот во Падова, тој започна активен уметнички живот со успешни концерти во повеќе италијански и светски концертни сали. Од 1991 година тој е уметнички директор на неколку музички фестивали во повеќе региони на Италија. Во последните години, тој целосно е посветен на камерното музицирање, настапувајќи со реномирани изведувачи.

На вечерашниот концерт ќе бидат изведени дела од : Шуберт, Белини, Моцарт, Росини.

OhridNews