Во организација на Северноатлантската алијанса, во земјава деновиве се одржува првиот НАТО курс за односи со јавност.

Практичната обука се реализираше вчера во Регионалниот центар за односи со јавноста при Министерството за одбрана на Република Македонија во Скопје. На обуката, која ја спроведуваат сертифицирани медиа тренери од земјава и регионот, врвни експерти од Департментот за јавна дипломатија во НАТО, офицери за односи со јавноста од НАТО како и експерти од норвешката консултантска компанија „Медиаловен“, учествуваат претставници задолжени за односи со јавност на институциите од областа на безбедноста, меѓу кои и портпаролот на СВР Охрид Стефан Димовски.

Работилницата вчера во Скопје ја отвори државниот секретар во Министерството за одбрана Сашо Стефаноски. Во своето обраќање тој истакна дека со приклучувањето на Регионалниот центар за односи со јавноста како 26-ти центар во мрежата на НАТО центри ширум светот и единствен од делот на обука за односи со јавност, направен е исклучителен напредок во процесот на едукација во Република Македонија.

На работилницата се презентираа низа новини, вештини и искуства од комуникациските практики. Целта на обуката е професионален развој и усовршување на вештините во планирањето и управувањето со комуникациските процеси.

Учесниците на работилницата денеска туристички престојуваат во Охрид.

OhridNews