Комисијата за Урбанизам не седницата одржана вчера ја  разгледа точката за донесување на Нацрт ДУП за УЗ 2, кој го опфаќа просторот на кој се наоѓа Факултетот за туризам и угостителство. Дискусијата, како што информираат членови на комисијата била  насочена кон планираните градби во ДУП-от кои предизвикаа реакции и од засегнати институции и од граѓаните.

– Проблемот со овој ДУП не е само во засегнатоста на ФТУ, кој не се согласува со пренамена на локацијата од образование во хотелиерство и угостителство,  туку во целиот ДУП затоа што и натаму во крајбрежна зона се вцртуваат згради од 4-5 ката што е тотално деструктивен однос на локалната кон градот Охрид. Ќе побараме како контактна зона на старото јадро надлежните негативно да се изјаснат околу преголемата урбанизација на оваа зона, изјави Дејан Пановски, координатор на советничката група на ВМРО ДПМНЕ.

На комисијата советниците на ВМРО ДПМНЕ биле против овој ДУП,  независните советници воздржани, а преставникот на  мнозинството во Советот гласал за ваков ДУП. „Тоа значи дека Комисијата не го прифати овој ДУП но Советот има право да го разгледа и да си донесе своја одлука“, појаснува Пановски.

Нацрт на ДУП за УЗ 2 треба да се најде на  дневен ред на 29-та седница на Советот, што ќе се одржи утре. Со предлогот не се согласува Факултетот за туризам и угостителство кој бара повлекување на точката од дневен ред.

OhridNews