По низата иницијативи кои досега не донесоа решение за проблемот околу заштитата на Студенчишкото блато, изготвен е Нацрт на Интегрирана студија за состојбата со остатокот на Студенчишкото Блато и мерки за негова ревитализација, а по распишан оглас за изработка на Студија од страна на општината Охрид . Тоа би требало да биде водич во активности кои суштински би го решиле проблемот со заштитата на блатото и би воделе до негова валоризација, велат од надлежните институции.

– Оваа Нацрт верзија ќе биде доставена до сите релевантни субјекти на разгледување и оценување, а ќе биде вклучена и пошироката засегната јавност преку организирање на јавна расправа. Општина Охрид преку одделението за заштита на животна средина работи во континуитет на решавање на горливите проблеми од областа на заштитата на животната средина и природата и се надеваме дека овие напори ќе бидат препознаени од останатите субјекти кои се бават со оваа проблематика и дека ќе добиеме поддршка од сите институции на локално и државно ниво.-велат Секторот за урбанизам и заштита на животнан средина при Општина Охрид.


Поддршка кон проектот изразува и Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро при Министертвото за  заштита на животната средина и просторно планирање.

“Студенчишкото блато е природно богатство на регионот, но е изложено на силен притисок кој придонесува за негово исчезнување. Утврдувањето на границите и ставањето под статус на заштитено подрачје правно ќе ја обезбеди заштитата на блатото , после што би требало да следат и решенија за отстранување на отпадот , обезбедување на директна каналска врска со Охридското Езеро,мерки за заштита на биодиверзитетот за сето тоа да заврши со концепт за искористување во научни , едукативни цели и туристичка валоризација во што верувам би стигнала и конкретна поддршка и од Министерството за животна средина .” – вели Пановски.


Паноски посочува дека Нацрт студијата  од стручен аспект ги  посочува опасностите врз блатото и целиот екосистем, содржи листа на флора и фауна во Блатото,   но дава и насоки за управување , предлог за границите на заштитеното подрачје и предлог мерки за обезбедување заштита, нотирани во Акциониот план за сливот на Охридското Езеро изработен од Билатералниот Секретаријат за Охридско Езеро.

– Одамна стои и заложбата овој локалитет да се заштити и да се внесе во туристичката понуда на Охрид . Изградба на природни патеки , мостови и набљудувачници низ блатото би придонело за атрактивност на локацијата без нарушување на екосистемот . Заслужува внимание и размислувањето на локалните власти за отстранување на управата на ЈП Комуналец од самото Блато и искористување на објектот како Информативен центар за посетителите . Блатото е со се помала површина, но сеуште со голема вредност која треба да се валоризира за да му се обезбеди заштита и одржливост.”, потенцира Пановски.

OhridNews