Научници во понеделникот објавија дека откритиле диносаурус кој личи на птица со разнобојни пердуви во североисточна Кина, кој живеел пред 161 милион години за време на периодот Јура.

Тие го нарекле Caihong, што значи виножито на мандарински. Микроскопски структури од исклучително зачуваниот фосил откопан во провинцијата Хебеи се показател дека овој диносаурус имал истакнати шарени пердуви на неговата глава, врат и гради, со бои слични како кај колибрите, објаснуваат научниците.

Откритието говори дека периодот Јура бил многу поколоритен и поживописен отколку што претходно се мислеше, велат научниците.

Користејќи моќни микроскопи, научниците откриле остатоци од органели наречени меланозоми кои се одговорни за пигментацијата. Нивната форма ја одредува бојата. Пердувите на диносаурусот Caihong имале меланозоми во форма на палачинка, слични на оние кај колибрите со раскошно обоени пердуви.

Голем дел од неговото тело бил покриен со темни пердуви, но на главата и вратот имал лентовидни шарени пердуви. Иако поседувал многу карактеристики на птица, истражувачите се сомневаат дека можел да лета. Неговите пердуви можеле да привлечат пријатели, а исто така и да обезбедат изолација.

Caihong е двоножен предатор со череп како Velociraptor и остри заби. Тој најверојатно ловел малечки цицачи и гуштери.

Многу диносауруси имале пердуви. Птиците еволуирале од мали пердувести диносауруси близу крајот на периодот Јура. Овој диносаурус е многу сличен на Archaeopteryx, најстарата птица за која знаеме дека постоела.

A.M.