Забрзаната урбанизација, неоптималните градби, несоодветните еколошки студии, зголемениот број на возила и загадувањето на возудухот, се едни од главните причини за промена на микро-климата во одредени региони. Исклучок не е ниту Охрид, каде се повеќе можат да се почувствуваат ефектите од овие климатски промени, кои негативно се одразуваат по човековото здравје.
Научната јавност, со став дека забрзаната урбанизација придонесува во спречување на нормалното струење на воздухот во правец, езеро-копно.
„Несоодветната урбанизација ја пореметува микро-климата во Охрид, односно нормалното движење на воздухот, неговото струење и влагата. Во последните неколку години, урбанизацијата на одреден начин претставува ѕид, а од друга страна самите големи градба создаваат своја микро-клима, каде што нема струење. Сето тоа е поврзано, а паралелно имате огромен број на моторни возила. Воздухот споро и делумно излегува надвор, односно не доаѓа до негова циркулација и останува внатре.“ – истакнува проф. д-р Здравко Крстаноски, долгогодишен научник во Хидробиолошкиот завод во Охрид.
Според него, овие драстични промени на микро-климата, можат да доведат до потенцијлани макро-ефекти, кои уште отсега можат да се почувствуваат во одредени региони.
„Ако имате тесни улици, огромни згради и паралелно на тоа голем број возила, тогаш немате никакво стреуње на воздухот. Тука е и глобалното загадување, кое придонесува воздухот да стагнира во еден потесен или поширок регион, односно да создава смог.“ – објаснува Крстаноски.
Тој вели сите овие промени, негативно влијаат не само врз луѓето, туку на целокупниот животински свет.
„Апсолутно. Сиот воздух, повеќе или помалку загаден, останува затворен во градот поради тие градби, кои спречуваат струење на воздухот. Нормално дека сето тоа се одразува негативно врз здравјето не само кај луѓето, туку кај целиот жив свет. Почнувајќи од флората, па се до фауната.“ – вели Крстаноски.
Крстаноски потенцира дека иако е невозможно да се спречи урбанизацијата во едно модерно општествено уредување, сепак соодветните еколошки студии при изградба на објекти можат да придонесат за намалување на ефектите предизивикани од промена на микро-климата.
„Ние не можеме да ја спречеме урбанизацијата. Но при изградбата на објекти, потребни се еколошки студии кои ќе ја покажат точната насока на движење на воздухот, одредена според висината на градбите и ширината на улиците. Потребно е да не се прават т.н ѕидови, кои на еден начин би создале неприродна граница помеѓу копното и езерото. Мора да постои струење, вертикално и хоризонтлано, кое ќе овозможи филтрирање и циркулација на самиот воздух.“ – завршува Крстаноски.
Инаку, честите климатски промени во одредени региони, можат да придонесат за глобална промена на микро-климата, која негативно се одразува врз човековото здравје.
О.Т.