Потребни се поактивни политики околу заштитата на мајчиниот јазик и културата на македонските иселеници во странство, сметаат учесниците на шестата Меѓународна Конференција „Охрид–Водици 2018″, која годинава тематски е посветена на „Дијаспората, транснационализам и интер-културни комуникации како нови форми на социјален капитал”.

Како што нагласи проф. Д-р Рубин Земон од Универзитетот Евро-Балкан од Скопје, меѓу проблемите со кои се соочува дијспората е и начинот на гласањето, но тоа е само еден мал сегмент, додека многу посериозни се проблемите со културното наследство, образованието, вклучувањето во општествениот живот.

– Во минатото имаше повеќе проекти за заштита на културата и јазикот на дијаспората. Треба да се водат поактивни политики околу тие прашања. Сега има современи начини за образование, учење на јазикот преку интернет. Агенцијата за иселеништво има неколку проекти кои ги предлага за во наредниот период. Целта е да се ангажира поголем број наставници од дијаспората, да се образуваат, за да можат таму да предаваат мајчин јазик. Сепак, ние сме научници, помагаме од научен апсект со тоа што ги идентификуваме проблемите, феномените и секој од свој научен агол дава предлози, решенија, а потоа останува на другите да донесуваат одлуки, вели Земон.

Годинава на Меѓународната конференција учествуваат над 80 научни работници. Tие беа поздравени од министерот во Владата, Едмонд Адеми, кој најави дека во тек е изготвувањето на Нацрт националната стратегија за дијаспората во која во фокусот меѓу другото го има и решавањето на административните проблеми со кои се соочува дијаспората во Македонија. 

-На последната седница на владата донесена е одлука за формирање интерресорска група со цел изнаоѓање решение за брзо вадење на документи за нашите од дијаспората и верувам дека ќе најдеме решение да ја олесниме и забрзаме постапката пред се на вадење на пасошите и другите документи. – рече Адеми.

Свое обраќање на отворањето на конференцијата имаа и в.д.директорот на Агенцијата за иселеништво Никола Шалваринов, како и градоначалникот на Охрид проф. д-р Јован Стојански, кој истакна дека заклучоците од кнференцијата ќе бидат од корист во изготвување на стратегиите на општина Охрид во доменот на туризмот, културното наследство и во доменот на иселеништвото и спречување на иселувањето.

-Охрид е за жал лидер во емиграција на младите, затоа ќе ве замолам научните размислувања кои ќе бидат сублимирани во вид на заклучоци на оваа конференција да ги добиеме на располагање како општина за да може да ги искористиме во напорите Охрид да го направиме подобар град, препознатлива туристичка дестинација како место кое е под заштита на УНЕСКО и се надевам дека Охрид ќе престане да биде негативен лидер во заминување на младите. – истакна градоначалникот на Охрид Стојаноски.

Се проценува дека надвор од Македонија живеат 10 – 15 пати повеќе граѓани кои се иселиле од земјата, кои во најголем дел заминале од економски приини.

–Во најголем дел економски се причините за иселувањето од Македонија. Тоа е за жал традиција кај нас и процес  на кој многу не може да се влијае. Македонија треба да има министерство за иселеништво по примерот на Хрватска, Србија, БиХ, за да ги зацврсти врските со дијаспората и да работи на отварање на можности таа да инвестира во земјата, и евентуално да почнат наши иселеници да се враќаат во земјата. Но во прв план треба да се изнајде начин како да се спречи одливот на мозоци од Македонија. – истакнаа учесниците на конференцијата.

Пред почетокот на конференцијата, во „Куќата на Робевци“ беше отворена изложба на ракотворби и предмети од традицијата на Турција, што ја донесоа и поставија учесниците на конфернцијата од Универзитетот Селџук, од Конија, Турција.

OhridNews