Со одлични дискусии, инспиративни панели и презентација на научни трудови, викендов заврши шеснаесеттото Стручно советување со меѓународно учество „Подекс-Повекс 25“, во организација на Здружението на рударски и геолошки инженери на Република Македонија.

Настанот ги обедини водечките експерти од земјата и регионот, кои преку панел дискусии и научни трудови отворија суштински теми за иднината на индустријата.

Рударството е клучна компонента на економската и технолошката трансформација што може да ја одведе Македонија кон побогата, поодржлива и поиновативна иднина, истакна Горан Сарафимов, претседател на Здружението на рударски и геолошки инженери.

Тој додаде дека предизвикот пред индустријата е трансформацијата од традиционално ископување кон модерно, дигитално и зелено рударство.

Во последните 2–3 години гледаме конкретни напори во таа насока: поддршка за дигитализација и автоматизација, кредитни линии и проекти финансирани од меѓународни банки и фондови кои овозможуваат воведувањето на современи технологии во процесите како дигитално следење на опремата, до автоматизирани системи за рударско управување и аналитика во реално време. Сето ова моделира визија за поодржлива иднина на рударската индустрија, рече Сарафимов.

Настанот го посети министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска. Учесниците на стручното советување имаа можност да поразговараат со министерката и нејзиниот тим за клучните теми кои се важни за секторот како и за визијата и перспективите на македонското рударство од аспект на инвестирање во модернизација на опрема, одржливост и кадри.

Првиот панел, под наслов „Научни предизвици и современи истражувачки тенденции во рударството“, понуди преглед на најновите научни достигнувања и методолошки пристапи, со акцент на тоа како академската заедница може да биде двигател на развојот.

Вториот панел, „Патот кон одржлив развој во рударството“, ја стави во фокус потребата од балансирање на економскиот раст со еколошката одговорност. Претставници од рударскиот сектор и професори ги отворија прашањата за енергетската транзиција, управувањето со ресурси и примената на ESG принципи.

Покрај панелите, присутните имаа можност да следат и презентација на научни трудови, каде што беа претставени иновации како дигитализација на рударските процеси, нови модели за геоморфолошки анализи и примена на био-сензори за мониторинг на здравјето на рударите. Практичните решенија кои беа изложени, според учесниците, претставуваат значаен чекор кон модернизација и подобра безбедност во индустријата.

Настанот заврши со доделување признанија за достигнувања во 2025 година, со што уште еднаш беше потврдено дека „Подекс-Повекс“ претставува водечка регионална платформа за размена на знаење, искуства и визии за иднината на рударството и геологијата.

OhridNews