Министерот за внатрешни работи на Србија,
Ивица Дачиќ соопшти дека денеска во Скопје е уапсен еден од водачите на
навивачите на српскиот фудбалски клуб „Партизан“, Милош Радисављевиќ
познат како Кими, за кого Србија имаше издадено потерница поради
издржување на затворска казна, јавува српската агенција Бета, пренесува „Макфакс“.

Дачиќ изјавил дека Радисављевиќ бил уапсен во кафуле во центарот на
Скопје околу 14 часот во соработка меѓу српската и македонската
полиција, а неговиот идентитет бил потврден врз основа на фотографија и
признание.

Дачиќ истакна дека моментално се разгледува модалитет за екстрадиција на
уапсениот Радисављевиќ, за што ќе одлучат македонските надлежни органи.

Тој е правосилно осуден на шест месеци затвор поради насилничко
однесување. Апелациониот суд на 11.  јули 2011 година го укина делот од
пресудата кој се однесува на загрозување на безбедноста на новинарката
на Б92, Бранкица Станковиќ.

Радисављевиќ пред Првиот основен суд во Белград во август 2010. година
беше осуден на 16 месеци затвор поради насилничко однесување и
загрозување на безбедноста на новинарката Бранкица Станковиќ со
скандирање на трибините „Отровна си како змија, ќе поминеш како
Чурувија“.

Навивачите на трибините шутираа и удираа кукла која ја претставуваше новинарката на Б92.

По налог на Апелациониот суд, зборовите на песната која се пеела
претставувало груба навреда на личноста на Бранкица Станковиќ и
загрозување на спокојството на граѓаните.

Во делот на пресудата кој се однесува на загрозувањето на безбедноста на
Бранкица Станковиќ, наведува Апелациониот суд, не се изнесени јасни и
убедливи причини поради кои се смета дека Радисављевиќ извршил кривично
дело.

Апелациониот суд наложи повторно судење за ова. Радисављевиќ е обвинет и
за палење на белградската Бајракли џамија во март 2004. година.

OhridNews
извор: „Макфакс“