Фудбалскиот клуб Охрид 2004 реагираше на односот на публиката на мечот одигран во Тетово против Шкендија кој заврши со победа на домашните со 2-0. Во реакцијата пристигната до нашата редакција стои:

“Згрозени и разочарани сме од односот на домаќинот, актуелен првак на Македонија а поготово од домашната публика која во текот на целиот меч не бираше зборови да не навредува и омаловажува.
 

Пречекот беше во ред се до 45 минута од прво полувреме, кога по стартот на Цуцули над Далчески, главниот арбитар Симеон Стефков од Скопје му покажа директен црвен картон.

По завршувањето на првиот дел во теренот влетаа неколку навивачи кои со тупанци и боксови ги нападнаа нашите резервни играчи. Во таа бркотница настрадаа Јован Китрозоски и Егзон Белица. Во обид да се спасиме притрчавме до службениците на МВР, но ниту тие не успеаа да ја смират тензијата, напротив навивачите ги нападнаа и нив.

На полувремето кога се упативаме во соблекувалните забележавме дека во судиската соблекувална имаше повеќе неслужбени лица. Нашето службено лице се обиде да го повика делегатот на мечот но беше истуркан со објаснување дека нема што да бара и дека тука не важат прописите на федерацијата.

Во вториот дел судијата подлегна на притисокот прво и нас ни исклучи играч, а потоа домашните имаа ветер во грбот. Продолжија навредите на публиката, која ни се закануваше дека ако заврши мечот нерешено нема живи да сме излезеле од стадионот.

Не сакаме да помислиме што ќе се случеше доколку постигневме гол и го изедначевме резултатот. Ние дојдовме да играме фудбал, и да се надигруваме , но тоа во Тетово не беше возможно.“- се вели во дописот на ФК Охрид 2004.

Ohridnews