Скрининг на присуство на високо ризични типови на хуман папилома вирус (ХПВ скрининг), одредување на поединечни генотипови-генотипизација на 14 високо ризични типови на хуман папилома вирус (ХПВ), кои се застапени на Балканското подрачје, како и докажување на присуство на Chlamydia trachomatis во гинеколошки, цервикални брисеви кај трудници овозможуваат новите анализи кои веќе месец дена се работат во Центарот за јавно здравје Охрид.
Од неодамна Ценатрот се опреми со најсовремена апаратура и воспостави целосно автоматизиран систем за молекуларна дијагностика во кој се интегрирани екстракција на нуклеински киселини ДНК и РНК, PCR амплификација во реално време и интерпретација на резултати. Имаме искуства во другите региони каде имаат ваков апарат, еднаш неделно ги работат анализите, а кај нас веќе еден месец секојдневно се уклучува апаратот, секојдневно имаме примероци за анализи што значи дека потребата е голема и задоволство ми е што можеме да одговориме на барањата на сите наши корисници. Тоа што е битно е да се каже дека оваа апаратура има софистициран систем и комплетна поддршка од компанијата преку која е обезбеден апаратот, вели директорот на ЦЗЈ Охрид, Сашо Точков на денешната презентација на можностите на новата опрема пред матичните гинеколози од Охрид и Струга.
Сето ова, вели Точков, е со цел да им се излезе во пресрет на ма.тичните лекари, гинеколози и секако на пациентите кои имаат потреба и досега овие анализи мораа да ги работат во Битола или Скопје.
Работиме со Фондот, за анализите се наплаќа симболична партиципација. Анализите и методологијата и самите реагенси се доста скапи и приватните анализи за овој панел, но со покривање на дел од надоместокот од Фондот се плаќа само партиципација од 20%. Од анализите кои досега се правени посебно во делот на ХПВ вирусот сме имале позитиви примероци околу 3% од бројот на анализирани примероци и истиот не е голем бидејќи анализите ги работиме околу месец дена, а што се однесува до Chlamydia trachomatis имаме доста позитивни резултати. Битно е пациентите да имаат можност да се тестираат навремено, да се превенира и да се знае ако има некој проблем во самата бременост на време да се третира, додава Точков.
Д-р Јасна Митреска, спец. гинеколог изрази задоволство од воведувањето на оваа метода во Центарот за јавно здравје Охрид за откривање на ХПВ вирусот и ХПВ типизацијата, којшто потенцира е еден од главните причини за појава на карцином на грлото на матката.
Досега нашите пациентки беа испраќани по приватни установи за тестирање, а сега во нашиот град ќе може да се вршат испитување преку Фонд за здравство. Да посочам дека на Запад пред неколку години е воведено наместо ПАП тест прво да се прави ХПВ типизација, бидејќи објаснето е дека во 99% од случаите ХПВ вирусот е главна причина за појава на карцином на грлото на матката. Тоа ни претставува и скрининг метода којашто ако се открие ХПВ вирусот на време се лечи со појачување на имунолошкиот систем на организмот, а и многу лесно ни е на нас гинеколозите да ги откриваме тие преканцерози кои се 100% излечливи.
За ХПВ вирусот посочува дека прво навлегува во организмот и може да тлее години години и да не направи никаква промена, но тоа зависи од имунолошкиот систем на пациентката и затоа е многу важно да се открие.
Има ситуации каде со хематолошки заболувања, кациномни и други болести каде имунолошкиот систем е многу низок, ХПВ вирусот за краток период да направи преканцерозни состојби и потоа карцином на грло на матката. Зголемен е бројот на пацинетки кои вршат прегледи и поготово на помлади девојки и се интересираат за вакцината и ХПВ вирусот. Едно време постоеше некое размислување дека ХПВ вакцината не е добра, но сега јас сум среќна што се поголем е интересот за примање на ХПВ вакцината, вели Митреска.
Ана Строимановска, молекуларен биолог од „Биотек групација“ Скопје, фирмата преку која е набавен апаратот посочува дека во Македонија оваа технологија ја имаат повеќе од 90% од здравствените установи, но во овој регион, Охрид, Струга и Кичево, Центарот за јавно здравје Охрид е единствен кој има ваква технологија и е достапна на пациентите.
Н.С.Ј.
фото. Б. Стојаноски