Во сабота, на 20 јули сите патишта водат кон охридскиот Антички театар каде Ѓоко Танески со солистички концерт ќе го одбележи својот голем јубилеј – 30 години кариера.

Возбуден сум и навистина едвај чекам да дојде сабота за да застанам на сцената и да уживам со мојата публика. Подготвив навистина интересен репертоар и освен моите добро познати песни ќе отпеам и три убави охридски, народни песни, но премиерно ќе отпеам и две нови. Едната е забавна, онака во мој стил, се вика „Чекам, чекам“ и е со потписот на Николче Мицевски. Втората е народна, насловена е „Над изворот“, а ја потпишува Влатко Јовчевски, вели Ѓоко, кому ова му е прв голем концерт во родниот Охрид.
Освен Николче Мицевски на сцената ќе го придружува и Камерниот оркестар од Битола, а гостин ќе му биде и легендарниот Драган Мијалковски, кој ќе гостува со три нумери.
Концертот на Антички е со почеток во 21:00 часот, а влезниците може да се набават преку мрежата на Мктикетс, како и во продажните салони на „Литература“ низ земјата и „Кај Аждер“.
Организаторот Фреш унион, најавува вистински музички спектакл, кој ќе се снима со најсовремена техника со оглед на тоа дека подоцна ќе биде изработен и телевизиски проект.
OhridNews










