Браќата Гасол испишаа историја во НБА лигата, откако според гласовите на навивачите се избрани во стартните петорки во Источната, односно Западната конференција за претстојниот „Ол Стар“ натпревар, кој на 15.февруари ќе се одигра во „Медисон Сквер Гарден“ во Њујорк.
Шпанските репрезентативци оваа сезона играат во одлична форма, повозрасниот Пау кој од Лејкерси се пресели во Чикаго игра како во најдобрите денови, а неодамна постигна 45 поени што е негов рекорд во НБА кариерата.
Помладиот Марк, кој минатата сезона беше прогласен за најдобар дефанзивец во лигата, во тековното првенство го предводи Мемфис кој е еден од водечките тимови на Западот.
„Знаејќи дека кај судиското потфрлање на топката ќе стоиме еден спротив друг е неверојатен успех за нашето семејство и нешто што ќе не следи до крајот на нашите кариери. Изборот од страна на навивачите има посебно значење и се радувам што ќе го преставувам градот, франшизата, соиграчите и сите навивачи на Мемфис во светот“, рекол помладиот Гасол, Марк.
Покрај браќата Гасол, единствените браќа кои настапиле на „Ол Стар“ натпревар се Том и Дик ван Арсдејл во 1970 и 1971 година, но тие не биле стартери.
Покрај Пау Гасол, во стартната петорка на Источната конференција навивачите ги избраа бековите на Торонто и Вашингтон, Џон Вол и Кајл Лаури, и суперѕвездите на Кливленд и Њујорк, Леброн Џејмс и Кармело Ентони.
Петорката на Западната конференција заедно со Марк Гасол ја сочинуваат Стефон Кари (Голден Стејт), Коби Брајант кој поради повредата нема да настапи па лигата дополнително ќе одреди кој ќе игра наместо него, Блејк Грифин (ЛА Клиперс) и Ентони Дејвис (Њу Орлеанс).
Инаку во изборот за стартните петорки најмногу гласови доби Стефон Кари- 1,5 милиони или 42.000 гласови повеќе од Леброн Џејмс. Кари е првиот играч на Голден Стејт со два последовни настапи на „Ол Стар“ натпреварите, претходно тоа беше легендата на клубот Крис Малин во 1991 и 1992 година.
Тимовите на Истокот и Западот ќе ги предводат тренерите на Атланта (Мајк Баденхолзер) и Голден Стејт (Стив Кер) екипи кои се лидери во своите конференции.
„Макфакс“