Неверојатен натпревар одиграа екипите на Лос Анџелес Клиперс и Мајами Хит во „Стејплс центарот“ во Лос Анцелес. На победата се радуваа гостите од Флорида откако во драматична завршница славеа со 104:101.
Ништо не навестуваше неизвесна завршница на натпреварот откако Мајами на почетокот од мечот го презеде водството и го зголемуваше од минута во минута. На крајот од третата четвртина „жешките“ имаа високи 25 поени разлика.
Кога се чинеше дека натпреварот е готов, а последните 12 минути само формалност, на сцена стапи резервната петторка на Клиперс која со серија од 18:0 ја врати неизвесноста во мечот. Наскоро домашниот тим стигна и до израмнување и го презеде водството. Но на дваесеттина секунди до крајот при резултат 101:100 за ЛА Клиперс домаќините не реализираа две слободни фрлања, Мајами го презеде водството, а Грифин на секунда до крајот промаши шут за целосен пресврт.
Г.М.