Најдобриот играч во НБА лигата, лидерот на шампионот Голден Стејт, Стеф Кари, е тема на денот во НБА лигата. Кари на Флорида, во триумфот на Голден Стејт над Орландо (130:114), го собори рекордот на Кајл Корвер, откако и на 128-от меч во низа постигна најмалку една тројка.


Кари против Орландо уште еднаш ја демонстрираше неверојатната шутерска форма, тој погоди 20 од 27-те шутеви од поле (10/15 тројки), а натпреварот го заврши со 51 поен.

Покрај соборениот рекорд на Корвер, Кари стана и првиот играч по Двејн Вејд и Леброн Џејмс од сезоната 2008/2009 кој во една сезона најмалку на три натпревара постигнал 50 и повеќе поени.


– Не знам дали овој рекорд е значаен, бидејќи ова е премногу лесно за него. Тој погодува тројки како да шутира за два поена. Тоа е тој. Стигнавме до точка кога очекуваме дека ќе започне да шутира од половина терен. – изјави по натпреварот во Орландо, тренерот на Голден Стејт, Стив Кер.

„Воините“ со скор 52 победи и 5 порази се на првата позиција на Западот и воопшто во лигата, а зад нив е Сан Антонио со скор 49 победи и 9 порази.

OhridNews