Сообраќајот на сите магистрални и регионални патни правци во државата се одвива исклучително отежнато и забавено по влажни и лизгави коловози и со големи остатоци од снег. Од вчера патниот правец Р-409 крак Маврово – Жировница – Дебар е комплетно затворен за сообраќај на сите видови на возила поради интензивни врнежи од снег и снежни лавини. Забрана за сообраќај на тешки товарни возила има на планинските превои Стража, Пресека и Буково, како и на патните правци Дебар – Струга и Струга – г. п. Ќафасан. На овие патни правци како и на Ѓавато задолжителна е употреба на зимска опрема,   информираат од АМСМ.


Поради поинтензивни врнежи од снег и силен ветар, има појава на поситни лавини на планинскиот превој Стража преку кој не се препорачува патување без некоја поголема потреба. Патниот правец Тетово – Попова Шапка е прооден за патнички возила, но движењето е делумно забавено и се препорачува употреба на зимска опрема. За автобусите не се препорачува да сообраќаат на овој патен правец. На патниот правец Битола – Нижеполе – Молика (Р506) задолжителна е употреба на зимска опрема за сите видови на возила. Посебна внимателност на патниот правец Дебар – Струга поради можна појава на одрони. На возачите им се препорачува крајно внимателно возење, прилагодена и намалена брзина на движење на отежнатите услови за сообраќај и одржување на потребното растојание помеѓу возилата.


Снегот кој од вчера интензивно паѓа, го отежна сообраќајот и во Охрид. Речиси сите локални патишта се под снег, а фреквенцијата на сообраќајот е намалена.

OhridNews