Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, се појави денеска пред Комисијата којашто ја формираше Советот на јавни обвинители и даде изјава зошто ги отстранила од тимот двете јавни обвинителки, Лејла Кадриу и Марија Ѓорѓева, но ниту Јанева ниту претседателот на Комисијата не одговорија пред новинарите што ќе биде натаму со двете јавни обвинителки и кои се ингеренциите на Советот, јавува „Макфакс“.

Јанева рече двете јавни обвинителки не доаѓаат во Специјалното јавни обвинителство, а претседателот на Комисијата која ги утврдува релевантноста на изјавите, Сашо Василевски, изјави дека двете јавни обвинителки сé уште се водат во Специјалното јавни обвинителство.

Јанева пред новинарите не кажа што одговорила пред Советот, зошто ги разрешила двете обвинителки и не сакаше да ги коментира информациите во јавноста дека обвинителките биле отстранети, бидејќи оддавале тајни од Специјалното јавно обвинителство.

„Немав време да читам, не можам да ги демантирам тие информации, си имав приватни прослави, не ги знам. Ние немаме никакви тајни, кажете која институција е потранспарентна од нас“, возврати со прашање Јанева.

Кога Советот обелодени дека Јанева разрешила две обвинителки од нејзиниот тим, официјално Јанева рече дека обвинителките биле отстранети поради обемот на работа и поради тоа што во нивните матични обвинителства, во Скопје и Тетово недостасувале обвинители.

Претседателот на Комисијата не објасни каква одлука може да донесе Советот на јавни обвинители, дали може да ги врати двете обвинителки во Специјалното обвинителство или да ги врати во обвинителствата од каде што дошле.

Тој се повика на тоа дека не сака да ги прејудицира заклулчоците на Советот, бидејќи тие како Комисија ја одредувале само релевантноста на изјавите.

Но, сепак, призна дека постојат правни нелогичности и побара да бидат направени амандмански измени на Законот за специјално обвинителство.

Законот и дава право на Јанева да одлучува со кого ќе работи и кои обвинители ќе ги разреши, а од друга страна специјалното обвинителство е одговорно пред Советот за јавни обвинители, но во Законот не е предвидено што во ваков случај.

„Не сакам да ја прејудицирам одлуката, таа е таа правна разрешница која треба да се решава. Двете јавни обвинителки се водат во Специјалното обвинителство и нема забелешка во нивната работа. Одлуката е резултат на намалениот обем на работа, двете отстранети јавни обвинители бараат да бидат вратени во обвинителствата каде што доаѓаат. На Советот му е кристално чисто и јасно дека ако поведе дисциплинска постапка, треба согласност од четирите политички партии, одлуката да оди на Собрание и ќе треба двотретинско мнозинство“, рече Василевски.

На денешната средба во Советот, на јавни обвинители, Јанева не била прашувана за материјалите кои ги достави лидерот на СДСМ, Зоран Заев и зошто не изготвила записник за материјалите.

„Согласно законот јас имам обврска до 15-ти март да доставам извештај до советот и до собранието за работата на Специјалното обвинителство, не бев прашана за тоа“ рече Јанева.

Во врска со информациите кои се појавија во медиумите дека приватно лице поднело тужба против тројца обвинители во Специјалното јавно обвинителство за начинот на којшто лицето било испитувано во Обвинителството, Јанева се повика на демантот од Обвинителството и не прецизираше дали навистина сведоците во Обвинителството се испрашувале без адвокат и нивните искази не биле снимани.

„Предистражаната постапка е тајна и сите сведоци кои се сослушани и кои ќе бидат сослушани ќе бидат предмет на оценка на судот кога ќе се отворат истражните постапки“, рече Јанева.

Таа наскоро најави прес-конференција во Специјалното јавно обвинителство на која како што рече ќе одговори на сите новинарски прашања. Потврди дека случајот за убиството на Мартин Нешковски е во нивна надлежност, додека случаите Ровер, Шпион, Диво насеље, Сопот се во фаза на разгледување.

OhridNews
Извор: „Макфакс“