Охриѓанката Наташа Неданоска, координатор на Вики клуб Охрид, заедно со уште тројца претставници од Скопје, Снежана Штрковска, Кирил Симеоновски и Тони Ристовски како уредници-волонтери на Википедија на македонски јазик присуствуваат на Викиманија 2023, најголемата светска манифестација организирана од страна на фондацијата Викимедија во Сингапур. Манифестацијата се одржува на тема „Различност. Соработка. Иднина“.

Оваа е осумнаесетта Викиманија по ред, од кои две конференции беа одржани онлајн за време на пандемијата, вели Неданоска.

Викиманија 2023 трае од 16 август до денес и се одржува во Сингапур во конгресниот и изложбен центар Suntec Singapore и онлајн. Настанот беше отворен од страна на Маријана Искандер- главен извршен директор Фондацијата Викимедија (Maryana Iskander- Chief Executive Officer Wikimedia Foundation), a неа ја придружуваше и Џим Велс, основачот на Википедија, чија позната мисла е „Замислете свет во кој секој човек на планетава ќе има слободен пристап до целото човечко знаење“. Работилниците, хакатонот и пред-конференциските активности се одржаа на 15 август, додека пост-конференцијата и обиколките на градот ќе се одржат утре, додава Неданоска.

Потенцира дека Викиманија се одржува секоја година и претставува одлична можност википедијанците од цел свет да се дружат на еден ваков настан, да споделат искуства и да се вратат со нови идеи за развивање во својата земја.

Оваа Викиманија за мене е втора со физичко присуство, а севкупно четврта. Волонтирањето на Википедија за мене е од суштинско значење зашто лично помагам во збогатување на Википедија на македонски јазик, а од друга страна добива поголема вредност кога помагам да се обучат нови и нови членови во Вики Клуб Охрид. Секое патување на секој стипендист е заслужено со минат труд, но претставува и мотивација за подобри резултати, креирање иновативни и креативни работилници и кампови, вклучување во уредувачки маратони и натпревари, додава Неданоска.

На годинешното издание на Викиманија 2023 има претставници од 138 држави на предвидените над 300 сесии, 500 говорници, а доделени се и 200 стипендии.

Инаку, Вики клуб Охрид е еден од седумте Вики клубови во државата, во рамките на здружението ГЛАМ Македонија, кое меѓу другото, се занимава и со едукација на ученици да уредуваат статии на Википедија на македонски јазик.

Брои околу дваесетина членови и активно работи меѓу другото и на поддршка на лицата со ретки болести за што говорат 139 статии кои во изминатите пет години ги имаат уредено волонтерите на Википедија на македонски јазик, како и статии од многу други области.

Н.С.Ј.