Светската автомобилистичка федерација (FIA) го објави извештајот за тешкиот инцидент кој се случи на трката за Големата награда на Јапонија, по кој со тешки повреди на главата се здоби возачот на Марусија, Жил Бјанки. Во извештајот се истакнува дека младиот француски возач, пред да се случи сударот, не ја намалил доволно брзината.

Бјанки на легендарната патека Сузука, со голема брзина удри во кранот кој покрај патеката го креваше болидот на Адријан Зутил.

Возачот на Марусија по несреќата месец ипол беше во кома, а неодамна од Јапонија е префрлен во Франција, каде продолжува со лекувањето, а неговата состојба лекарите ја оценуваат како стабилна но критична.

„Бајнки недоволно ја намалил брзината и поради тоа ја загубил контролата врз болидот на истиот дел од патеката каде што тоа претходно му се случи на Зутил“, стои во извештајот.

Десетчлена комисија на ФИА го составувала извештајот, во кој стои и дека најверојатно системот на сопирачки во болидот на Марусија го спречил Бјанки да го исклучи моторот. Системот за сопирање во болидот на Марусија не е компатибилен со оние во Формула 1. Во другите болиди овој систем овозможува моторот да се исклучи доколку возачот во исто време ги притисне педалите на сопирачката и гаста.

Според извештајот, најверојатно тоа била причината што Бјанки со толку голема брзина удрил во кранот.

Исто така, десетчлената комисија на ФИА го ослободила од одговорност директорот на трката Чарли Вајтинг, околку неговата одлука да не го повика безбедносното возило на патеката сé додека не биде изнесен болидот на Зутил.

 

„Макфакс“