Ова лето опадна посетата на туристи на популарното македонско езеро. Високите цени и минатогодишното убиство на белградскиот турист го смалија бројот на српски гости во Охрид, се наведува во сторијата  на српски от весник „Новости“, што ја пренесува онлајн изданието на влијателниот српски медиум „Б – 92“.

– Во текот на летната сезона на охридската ривиера има помалку српски туристи во однос на претходните години, признаваат хотелиерите, угостителите и сопствениците на  приватни апартмани во најголемиот туристички центар во Македонија. Гостите од Србија минатите години беа бројни и радо видени, но оваа година поголемиот дел од нив наместо кон Охридското Езеро тргнаа кон Егејско Море. Угостителите велат дека дека  цените се на минатогодишното ниво, со забелешка дека во опкружувањето само Албанија е поевтина од Охрид. Во најголемиот туристички центар во Македонија, најевтино сместување во приватни соби чини 7 евра за кревет, а подобрите апартмани чинат од 20 до 60 евра. Вила со поглед на езеро се издава и по 100 евра за ден, анализира „Новости“.


Негативен осврт на српските медиуми за охридскиот туризам

Сепак и ова лето се нудат капацитети и услуги за сечиј џеб, продолжува сторијата посветена на Охрид.

„Во зависност од категоријата на ресторанот, пристоен ручек и скромен пијалок може да чини 20 евра, сендвич 2,5 – 3 евра, а пица 4,5 евра. Кригла точено домашно пиво се продава за 1,5 до 2 евра, кафе може да се пие за евро до две, но затоа цените на плажите се за 30 отсто повисоки“.

Дополнителен проблем на Охрид се и зачестените напади на туристи, како неодамнешниот кога „интернационална“ група Албанци нападна гости од Србија, како и зголемениот број на кражби, што влева несигурност кај туристите, стои во освртот на „Новости“, кој го пренесе „Б-92“.

OhridNews