Во третото тримесечје од 2025 година, во споредба со истиот период од 2024 година, бројот на живородените деца на ниво на држава изнесува 4 431 и е зголемен за 3.7 %. Бројот на умрените лица во третото тримесечје од 2025 година бележи намалување од 0.5 % во споредба со истото тримесечје од 2024 година и изнесува 4 849 лица, а од нив 20 се умрени доенчиња. Природниот прираст е негативен и изнесува -418 , што значи дека за толку лица е помал бројот на живородените деца од  бројот на умрените лица.

Во третото тримесечје од 2025 година во Општина Охрид се родиле 98 деца, а починале 154 лица. Природниот прираст е негативен и изнесува -56. Во Струга се родиле 122 деца, а починале 124 и природниот прираст е негативен -2. И Општина Дебрца има негативен природен прираст -16. Во овој период таму се родиле 4 бебиња, а починало 20 лице, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Во истиот период во Охрид се склучиле 128 бракови, а 21 биле разведени. Во Струга склучени се 138, а разведени 15 бракови.

Споредбено со податоците за истиот период од 2024 година бројот на живородени деца е намален во Охрид и Дебрца, додека зголемен во Струга. Во поглед на бројот на починати лица во Струга и Дебрца е зголемен, додека во Охрид е помал. Продолжува негативниот природен прираст за Охрид и Дебрца, а во оваа категорија влегува и Струга за разлика од минатата година во истото тримесечје кога имала позитивен природен прираст.

На ниво на држава, во ова тримесечје од годината се склучени 3 514 бракови и нивниот број е намален за 2.8 % во споредба со истиот период од 2024 година, а регистрирани се 470 разведени бракови, што претставува  зголемување од 27.7 % во споредба со истиот период од 2024 година.

Н.С.Ј.