Како што информираа организаторите, публиката ќе има можност да ги слушне неговите најголеми поп-хитови, но во едно поинакво светло, во нов оркестарски аранжман и изведени од најголемите оперски пејачи од земјава и Балканот, заедно со оркестарот на Македонската опера и балет, а под диригентската палка на Саша Николовски-Ѓумар.
Средствата за организација на концертот ги обезбедија Министерството за култура и Фондацијата „Тоше Проески“. Во продажба се пуштени 600 влезници, колку што е капацитетот на МОБ. Цената на билетите е 1.200 денари, а дел од приходот е наменет за опремување на Клиниката за детски болести.