Поскапувањето на енергенсите ги натера голем број охриѓани да ги вратат своите печки на дрва. Но греењето на дрва си бара посебни грижи, како граѓаните би се заштитиле од несаканите последици. Судејќи по неколкуте случаи на опожарени индивидуални куќи во изминатиов месец, грејните тела како печки, камини и шпорети на дрва претставуваат опасност од оваа несакана појава. Секако, причините за овие инциденти е човечки фактор, односно ненавременото чистење на оџаците.
опожарената куќа во Месокастро
Според командирот на Противпожарната служба од Охрид, Спасе Прентоски, граѓаните треба да се внимателни во овој зимски период, посебно за грејните тела кои користат цврсто гориво како огрев. „Оние кои се уште не ги имаат исчистено оџаците, треба под итно да го сторат тоа. Сите овие случаи на опожарени куќи се предизвикани токму од запалување на неисчистениот оџачен канал. Во овој период, односот меѓу внатрешниот и надворешниот пристисок е огромен при согорувањето. Тежнеењето на топлиот воздух низ оџакот допринесува до побрзо струење. Ако тој не е исчистен од „гаражот“ кој се наталожил, доаѓа до запалување.“ – вели Прентовски.
пожарот на „103-ка“ ја прголта кровната конструкција на една куќа
Покрај оџаците потребно е да се исчистат и чунковите. Како причина за опожарување се наведува и лошата изведба на кровната и меѓуспратната конструкција. Ако таа е изградена од греди и трска, односно некој несоодветен материјал кој е лесно запалив, може да доведе до катастрофи. „Потребно е еднаш месечно да се исчистат грејните тела како камини, печки, шпорети на дрва, од чунковите па се до отворот на оџакот. Со тоа се намалуваат ризиците дека објектот може да биде опожарен. Во овие несреќи изминатиов месец, уништени се целите кровни конструкции на куќите, а за среќа нема човечки жртви.“ – потенцира Прентоски.
Кога граѓаните не се дома, никогаш не смеат да ги остават вклучени грејните тела. Иако ова го практикуваат голем број на семејства со цел нивните домови да се константно топли, тоа може да доведе до катастрофални последици. „Секој оган кој не е под човечка контрола се смета за пожар. Граѓаните да не практикуваат кога не се дома, да го наталожуваат грејното тело со дрва, за кога ќе се вратат од работа да имаат топол дом. Исто така, метеоролшките служби најавуваат дека оваа зима ќе имаме обилни врнежи од снег. За несреќа, некои патишта можат моментално да не се проодни, а со тоа катастрофите поголеми. Затоа уште еднаш упатуваме апел до граѓаните, да бидат крајно внимателни доколку се греат на дрва.“ – додава Прентоски.
Инаку, во само неколку седмици во охридскиот регион имаше неколу случаи на опожарени куќи поради неисчистени оџаци. Настанати се огромни материјални штети, а за среќа нема човечки жртви.
О.Т.