Контролата извршена деновиве од страна на надлежни институции утврдила дека во шест села во Охридско водата за пиење од локалните водоводи не одговара на стандардите и е неисправна за употреба, дознава OhridNews.
Во Ливоишта во селскиот водовод нема хлор, а истиот проблем е регистриран и во Вапила. Во селскиот водовод во Завој покрај тоа што немало хлор утврдено било присуство на бактерии. Микробиолошки неисправна водата била и во селските водоводи во Куратица, Свињишта и во Опеница, каде исто така немало резидуален хлор. Во локалниот водовод во Опеница водата била матна. Исто така и водата од природниот извор во ова село била заматена. Микробиолошки неисправна е и водата од Билјанини извори која не е дел од системот за водоснабдување на Охрид и хемиски не се прочистува.
За состојбата на селските водоводи и изворите каде е забележана неисправност на водата, Државниот инспекторат за храна ја известил локалната самоуправа.
Додека не се реши проблемот и жителите во овие населени места не добијат исправна вода за пиење, надлежните апелираат пред употреба водата од селските водоводи каде нема хлор, односно е утврдена микробиолошка неисправност, задолжитечно термички да се третира дваесеттина минути.
Проблемот со водата за пиење во селските водоводи во охридско се провлекува подолг период. Истите не се приклучени на градската водоводна мрежа која редовно се одржува, а Месните заедници од овие населени места велат дека немаат средства и можности да ги одржуваат локалните водоводи.
OhridNews













