Неисправни сопирачки на автобусот и недозволена брзина на движење како и пропусти во работењето на компанијата се главните причини за несреќата кај Ласкарци што се случи на 13 февруари, а во која загинаа 15 лица, соопшти обвинителот Сашо Рајчев од скопското обвинителство.

„Според вештите наоди и мислења, евидентирани се кочења откако автобусот ја преминал заштитната ограда во двете насоки. Но брзината не му овозможила да го сопре автобусот пред да падне“, рече Рајчев.

Истрагата покажала дека возачот се движел со брзина од 99 километри на час, иако на автопатот било дозволено возење со 80 километри на час и дека го активирал уредот за манипулација на тахографот за да не ја прикаже вистинската брзина на движење. Поради големата брзина, тој изгубил контрола и паднал со автобусот во бездна.

Рајчев соопшти дека седум лица се приведени во врска со несреќата, меѓу нив се и возачот на автобусот и сопственикот на компанијата „Дурмо турс“. Шестмина се осомничени за кривично дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, а едно лице е осомничено за несовесно работење во службата. Сите седуммина денеска ќе бидат изведени пред суд, а за сите Обвинителството побара притвор.

OhridNews

Макфакс