Неизвесно е дали и кога ќе бидат остварени најавите за преуредување на централниот плоштад „Св.Климент Охридски“ и малиот плоштад „Крушевска Република“ кај Чинарот, затоа што охридската локална самоуправа не се одлучила за ниту едно од идејните решенија кои пристигале на Јавниот конкурс што беше објавен во декември 2014 година.

Според информациите кои ги добивме од надлежните во општина Охрид, понудените решенија не ги задоволувале критериумите на комисијата за избор.

-На Јавниот конкурс за централниот плоштад биле пристигнати 4 идејни решенија, а за плоштадот кај Чинарот биле пристигнати 3 идејни решенија. Комисијата за избор одлучила да не избере ниту едно од понудените решенија, а се уште не е одлучено дали и кога ќе бидат објавени нови јавни конкурси за избор на идејни решенија за двата плоштади, информираат од општинската служба за односи со јавност.

Според претходниот Јавен оглас за новото идејно решение за партерно и хортикултурно уредување на главниот плоштад „Св.Климент Охридски”, потребата за уредување на овој јавен простор е показател за степенот на развој на урбаната култура на локалното население.

Предметниот простор кој е оплеменет со културно историски споменици, зеленило, декоративни садници, цветен сезонски материјал и нуди убави места за одмор, прошетки, место за организација на културни и забавни манифестации, во моментов е привлечен, но истовремено му недостасуваат квалитетни содржини, за создавање на модерно урбано катче и понуда која во текот на целата година ќе ги првлекува домашните и странски посетители. Целта на овој конкурс е изработка на идејно архитектонско решение со кое ќе се добие едно усогласено, интегрално партерно решение на градски плоштад, пишуваше во јавниот конкурс.

Создавање на модерно урбано катче привлечно за граѓаните и туристите, кое ќе придонесе за развој на култрата, туризмот и урбаното живеење во Охрид, требаше да бидат главните цели и на новото идејно  решение за партерно и хортикултурно уредување на плоштадот „Крушевска Република”. Според веќе објавениот Јавен конкурс за избор на идејно решение, уредувањето на овој простор ќе придонесе за создавање на плоштад со амбиентален стил, кој ќе овозможи поефикасна организација на манифестации и ќе биде пријатно место за прошетка.

-Имајќи го во предвид значењето и местоположбата на предметниот опфат, од изготвувачите на конкурсното решение се очекува да изработат квалитетно идејно архитектонско решение кое ќе може целосно да се вклопи во постојниот амбиент со максимална функционалност, автентичност и естетика, пишуваше меѓудругото во објавениот конкурс.

Право на учество на двата конкурси имаа домашни и странски правни лица регистрирани за вршење на дејноста-предмет на конкурсот и домашни и странски физички лица, дипломирани архитекти или студенти по архитектура. Секој од учесниците имаше право да учествува со по еден труд.

Е.М