Охрид некогаш важеше за град со развиена индустрија, стабилна економија и мала невработеност. Гигантите Застава, ЕМО, Отекс, како и Лихнида, Братство, Езерка, Слобода…. вработуваа над 10.000 луѓе. Денес дел од нив не постојат или воопшто не работат, а останатите се во лоша кондиција и повеќегодишна агонија. Од некогашните големи капацитети произлегоа повеќе мали компании кои успешно стопанисуваат, но тоа е премалку да се надмине траумата која во Охрид ја остави транзицијата. За жал неа никако не успеа да ја залечи туризмот, кој и самиот е во сериозни проблеми, без оглед на придвижувањата во последно време, кои се и премали и недоволни да го променат впечатокот.
Како резултат на долгогодишните негативни трендови во локалната економија се поголем е бројот на млади кои го напуштаат Охрид. Голем дел од нив подобра иднина бараат во Скопје, или многу често надвор од границите на државата.
Дека на охридската економија не и цветаат рози, покажува анализата на специјализираниот магазин „Капитал“, кој неодамна ја објави годишната едиција на 200 најуспешни компании во Македонија. Меѓу нив само една е од Охрид, металопреработувачкиот капацитет „Леарница“, која се наоѓа на 126 место. Листата ја предводат Окта, Џонсон Мети, ЕВН, Макпетрол и Електрани на Македонија, а во топ 10 уште се и Фени, Телеком,Т-мобиле, Лукоил и ГЕН-И. Седумдесет проценти од најуспешните 200 компании во земјата се од Скопје.
Анализата Капитал ја извршил врз основа на официјални податоци од Централниот регистар според остварените нето финансиски резултати во 2012 година.
Г. Момироски