Поранешниот кошаркар Ламар Одом кој со ЛА Лејкерс освои две шампионски титули во 2009 и 2010 година, а во 2011 година беше прогласен за најдобар шести играч во лигата, како што пренесуваат американските медиуми, се наоѓа во тешка здравствена состојба, откако бил хоспитализиран.
Одом (35), кој во кариерата покрај за Лејкерси настапувал и за Мајами, Ал Клиперс, Далас и Лаборал Куча, бил пронајден во бессознание во еден бордел за богата клиентела во Невада, сојузна држава во САД каде што проституцијата е легализирана.
Откако бил префрлен во болница лекарите успеале малку да ја стабилизираат неговата состојба, откако претходно јавија дека започнало да му откажува срцето и дека има проблеми со работата на белите дробови и бубрезите.
Сопственикот на борделот, Денис Хоф, истакнал дека Одом не конзумирал никакви дроги од моментот кога пристигнал во борделот. Наводно тој конзумирал само коњак и растителна вијагра.
Веста дека Одом се наоѓа во критична состојба бргу ја обиколила Америка, па неговиот најдобар пријател Коби Брајант два часа порано заминал од контролниот натпревар со Сакраменто за да биде со својот пријател.
Одом имал тешко детство, неговиот татко повеќе од 30 години е нарко зависник, а без мајка останал на 12-годишна возраст. Ламар растел со својата баба и успеал да се пробие до самиот врв во НБА лигата, бидејќи е сметан за еден од најталентираните играчи во својата генерација.
Неговата ќерка Џејден од првиот брак, починала од ретка болест. Од вториот брак тој има две деца Дестини и Ламар Јуниор.
Проблемите во неговиот живот започнаа по разводот со Клои Кардашијан, а дополнително се влошија пред неколку месеци кога во рок од една недела починаа двајца негови добри пријатели.
Ohridnews











