Во текот на наредните две години неколку охридски улици и села ќе добијат нова фекална и атмосферска канализација. Ова е предвидено во рамки на „Програмата за изградба на системи за одведување и прочистување на отпадна вода за 2015-2017 година “, која ја изготви општина Охрид.

Според планираното, изградба на улична фекална канализација е предвидено за дел од улиците „Железничка“, „Коста Абраш“, „Александар Турунџев“ и за дел од булеварот „Туристичка“. Нова фекална канализација ќе биде инсталирана на дел од краците на улиците „Кирил и Методиј“ и „Охридска Бригада“.

Реконструкција на системот за одведување на фекални води се планира и за улиците „Јане Сандански“, ,,Александар Гушо“, „Абас Емин“ и ,,Кочо Рацин“. Во рамки на програмата е предвидена доизградба на канализационата мрежа на улицата „Стив Наумов“ како и изградба на фекална канализација на улицата „Илинденска“.

Освен градските улици, нова улична канализациона мрежа ќе добијат и селата Пештани, Подмоље, Долно Лакочереј и Горно Лакочереј како и населбата Елешец. Изградба на нова фекална канализација е предвидено и за неколку улични краци во селото Велгошти. Исто така нова фекална канализација ќе добие и селото Трпејца, а во населбата Рача се планира доизградба на канализационата мрежа.

Со средства од Буџетот на Република Македонија ќе биде извршена втората и третата фаза од изградбата на уличната фекална канализација во село Лескоец, а со кредит од Светска Банка ќе биде изградена атмосферската канализација во населбата „Воска“ и на улиците „Ристо Чадо“ и „Абас Емин“.

Според двегодшната програма, нова атмосферска канализација ќе биде поставена на дел од улиците „7-Ноември“, „Димитар Влахов“, „Марко Цепенков“ и „Момчило Јорданоски“. Нов систем за одведување на атмосферски води ќе се инсталира во урбаната заедница „Билјанини Извори“ како и на сите крстосници на булеварот „Туристичка“, каде што ќе бидат изградени кружни текови. Во рамки на програмата се планира изградба на атмосферска канализација во „Стар град“ и поставување на поголема одводна атмосферска цевка во селото Орман.

OhridNews