Проблемот со дивата депонија во непосредна близина на Струга која со години ги загадува околните населени места, нема брзо да биден решен. Наспроти барањата на граѓаните на Струга за итна санација и дислокација на дивата депонија, од Министертвото за животна средина велат дека краткорочно решение не постои, а долгорочно плановите се поврзани со меѓународните фондови.

-Тие диви депонии постојат веќе 30 години во Македонија. Планот на владата е овој проблем да се реши долгорочно со проект од ИПА програмата, на што се работи во моментов. – изјави денеска во Охрид Садула Дураки – Министер за животна средина и просторно планирање. 

Меѓународните донатори изразуваат подготвеност да помогнат во решавање на проблемот со дивите депонии во земјата, но според нив нема да се постигне ефект доколку не се промени свеста кај населението.

-Потребна е голема промена на јавната свест затоа што постои навика отпадот да се фрла на најблиското место, наместо да се одлага соодветно што ќе овозможи негова селекција и рециклирање. Многу промени треба да се случат, а ОН како и ЕУ се подготвени да го помогнат тој процес. – вели Луиза Витон – постојан претставник на УНДП во РМ.

Проблемот со дивата депонија во Струга ескалираше со нејзиното запалување во месец април. По силните реакции во јавноста и повеќе протести на локалното население депонијата беше затрупана со земја но ѓубрето и натаму се одлага на истата локација и се пали. Во знак на револт граѓаните во неколку наврати истурија смет пред зградата на општината, која како и државните институции засега покажуваат немоќ во решавањето на овој сериозен еколошки проблем во Струга кој се провлекува веќе десет години.

Г.М.