Нема да се толерираат угостителите кои поставуваат столици и маси на јавни површини без одобрение за поставување урбана опрема, велат од локалната самоуправа.
Од општината потенцираат дека откако е донесена програмата за поставување урбана опрема во месец февруари, угостителите имале доволно долг период за да поднесат барања, но според информациите, досега постапката ја започнал само еден угостител.
– Измина доволно долг период во кој толериравме да бидат поставувани маси и столици со кои се остварува профит, а за тоа не плаќаат. Ние даваме рок до 10 април, потоа оној кој ќе нема обезбедено одобрение за поставување урбана опрема, а има поставено, ќе биде санкциониран. Законски имаат можност да поднесат барања и подоцна, но додека не добијат одобрение не смеат да поставуваат, категоричен е градоначалникот Јован Стојаноски.
Со цел да се потсетат угостителските работници на исполнување на своите законски обврски, во организација на локалната самоуправа денес се одржа средба на надлежните со корисниците на урбана опрема. Најголемиот број прашања упатени до надлежните, беа од угостители кои претходно биле одбиени за добивање одобрение, но сметаат дека имаат еднакво право како и останатите кои поставуваат маси и столици на јавните површини, како што се и тротоарите.
– Да ги прашам сите институции како се третираат тротоарите? Мојот угостителски објект е на улицата Јане Сандански и сакав да отворам летна тераса. Ми кажаа дека не можам да добијам одобрение да поставам маси и столици на дел од тротоарот. Која е разликата меѓу тротоарите на Јане Сандански и тротоарите на Кејот Македонија? Зошто таму може да се поставува урбана опрема, а на Јане Сандански не? 10 години во Охрид воопшто не владее закон и во однос на почитување на работното време, и во однос на урбана опрема, плажите под концесија, девалвирани се сите институции. Охрид наликува на Тексас, вели Илија Џепароски.
Димитар Зарчев, сопственик на угостителски објект укажува на неправилното користење на поимот урбана опрема. Потенцира дека урбаната опрема не опфаќа маси и столици, па според тоа и не може да се зборува за нивно отстранување, доколку не е обезбедено одобрение за поставување урбана опрема.
– Треба да се внимава при служењето со термините. Сите барања што се поднесуваат се за урбана опрема, а никој угостителски работник не може да поставува урбана опрема, освен локална самоуправа или надлежен орган, вели Зарчев.
Во однос на поставувањето на масите и столиците на тротоарите, за што има бројни реакции од граѓаните, градоначалникот со објаснување дека тоа е во насока на задоволување на потребите на гостите.
– И плоштадот е јавен простор кој е наменет за пешачки сообраќај и со секое поставување на урбана опрема ние го нарушуваме движењето на пешаците. Но во интерес на подобар изглед на градот, за збогатување на понудата, се одрекуваме од дел од јавниот простор за да се остварат дополнителни приходи. Тоа општината секогаш го правела и треба да го прави во иднина. Програмата е донесена така да, во исто време не се наруши движењето на пешаците, но и да се задоволат барањата на туристите во центарот на градот, изјави Стојаноски.
Додаде дека тенденција на локалната самоуправа е посреден град во текот на претстојната туристичка сезона.
Т.К.



















