Во Охридскиот регион по обилните врнежи од дожд во изминатите денови има навлезено вода во повеќе куќи во подрумите и дворовите каде се интервенираше од страна на ЈП-Нискоградба и останати јавни претпријатија од општината, информира Центарот за управување со кризи.
Со багер денеска се расчистуваат затнатите корита и канали на помалите реки во општината. Поплавени подруми, дворови и бавчи имаше на ул. „Железничка“, „Ариф Мустафа“, „Аџи Мустафа“, „Лескајца“, „Долно Лакочереј“ и во други делови од грдот во помал обем. Денеска има нови врнежи од дожд но со мал интензитет и нема пријавени дополнителни проблеми, известува ЦУК.
Поради обилните врнежи дојде до излевање на река Черава која извира во Албанија, а се влева во Охридското Езеро на македонска страна. Надојдената вода донесе големи количини нанос и цврст отпад кој заврши во Езерото.
На подрачјето на Општина Ресен дојде до излевање на Болнска и Источка река во селата Царев Двор и Дрмени, при што се поплавени над 50 куќи, магацински простори, визби и земјоделско земјиште.
Поплави се евидентирани и кај с. Долна Бела Црква од излевањето на Голема Река.
Ангажирани се екипи на јавните претпријатија, „Македонија пат“, ЈКП „Пролетер“, како и приватни машини – пумпи за испумпување вода и повеќе багери за расчистување и интервенции.
Состојбата во преспанско полека се стабилизира, а последиците и штетите од невремето допрва ќе се утврдуваат.
Според информациите на УХМР водостоите на реките во Охридско-преспанскиот регион опаѓаат, но и понатаму се високи, поради што се препорачува внимателност при движење во тие подрачја.
Г.М.















