Нема откажување на 25. јубилеен Охридски Атлетски маратон што традиционално се одржува на 8 Септември на денот на македонската независност.

По остварената средба со Градоначалникот на Охрид од АК Охрид кои се организатори на маратонот потврдија дека Атлетскиот маратон ќе се одржи според предвидениот распоред.

И покрај недостигот на средства одлучивме да го одржиме маратонот, локалната самоуправа на интервенција на Градоначалникот, Петрески покри поголем дел од наградниот фонд, а да не беше таа реакција ќе бевме принудени да го откажеме.  Сметавме дека е жалосно сиот повеќе месечен труд да пропадне за толку мал износ, и во преостаните неколку дена ќе се обидеме од локалните фирми да го обезбедиме остатокот – вели Пецо Неданов од организациониот одбор на маратонот.

Охридскиот атлетски маратон е дел од програмата на локалната самоуправа за Прослава на Државниот празник 8 Септември .

Досега се пријавени 26 атлетичари од 13 земји. Најавено е учество на минатогодшиниот победник шпанецот Марк Роиг. Покрај главниот маратон охриѓани најавуваат и одржување на неколку пропратни трки.


бранителот на трофејот – Марк Роиг

Маратонот се трча на 33 километри долгата патека од караулата кај Св.Наум до градското пристаниште во Охрид. Тој за прв пат се одржал во 1976 година и континуирано се одржувал се до 1993 година. Десет години неговото одржување беше во застој, а традцијата беше обновена во 2004 година.

М.П.