Согласно новите законски одредби, извршувањето на забраната за управување возило со правосилни судски пресуди, повеќе нема се врши со физичко впишување во возачката дозвола. Со ова се укинува потребата граѓаните дополнително да плаќаат за издавање нова возачка дозвола со впишана забрана, со ист рок на важност. Наместо тоа, воспоставен е дигитален систем на известување преку две текстуални пораки (SMS) и електронска пошта (e-mail), информира Министерство за внатрешни работи – МВР.
Граѓаните ќе ја добијат првата порака приближно седум дена по пополнувањето на изјавата со контакт податоци. Оваа порака содржи информации за видот и времетраењето на изречената забрана. Осум дена по примањето на првата порака, на граѓаните ќе им биде доставена втора порака. Забраната за управување со моторно возило официјално започнува да тече од моментот на приемот на втората порака, соопшти МВР.
Министерството во следната фаза ќе овозможи извршувањето на забраната да започнува веднаш по ажурирањето на податоците. Досега, согласно новиот начин на извршување, реализирани се над 3000 забрани за управување со моторно возило, изречени со правосилни судски пресуди.
Нагласуваме дека забраната не започнува да тече од денот на пополнување на изјавата во Одделенијата за управни работи, туку исклучиво по приемот на втората текстуална порака, посочуваат од МВР.
МВР ги повикува сите граѓани за кои има донесено правосилни пресуди со ваков вид санкција, а кон кои е испратена покана од страна на Министерството, да се упатат во надлежните организациони единици за управни работи, со цел ажурирање на личните контакт податоци (број на мобилен телефон и е-маил адреса), што е неопходен предуслов за правилно и навремено извршување на санкцијата и избегнување дополнителни недоразбирања.
Дополнително, ги известуваме и сите граѓани кои имаат за цел да избегнат извршување на забраната, а за кои Министерството веќе располага со контакт податоци, дека санкцијата ќе биде реализирана, а тие ќе бидат известени преку СМС порака и електронска пошта. Покрај извршувањето на забраните изречени со правосилни судски пресуди, паралелно и целосно автоматизирано се спроведува и извршувањето на забраните констатирани преку системот Безбеден град. Известувањето се врши на ист начин – преку СМС порака и електронска пошта – за сторени прекршоци за кои според закон е предвидена ваква санкција и за кои граѓаните ја прифатиле одговорноста и ја платиле предвидената глоба, велат од МВР.
Со воведувањето на овие измени, процесот станува побрз, поефикасен и значително се намалуваат административните процедури за граѓаните, истакнуваат од Министерството за внатрешни работи.
Г.М.










