Од страна на министерот за информатично општество и администрација, Иво Ивановски и директорот на Фондот за здравствено осигурување, Маја Парнарџиева Змејкова денес беше промовиран проектот за размена на документи по службена должност Нема повеќе трчање по шалтери.

Основна цел е сите институции во иднина да го воведат едношалтерскиот систем, со цел забрзано остварување на правата и правните интереси на физичките и правните лица.

–    Службеното лице кое ја води постапката, по службена должност треба да ги прибави податоците од органот кој е надлежен за нив, а субјектот кој води службена евиденција бараните податоци ќе треба да ги достави во рок од три дена од денот на приемот на барањето. Услугата ќе се наплатува на едно место, на еден шалтер,изјави министерот Ивановски.
 
Органот што е надлежен за приемот на поднесокот е должен да ги користи личните податоци на подносителот за потребите на постапката, во согласност со закон. Странката не е должна со барањето да поднесува исправи (уверенија, сертификати, потврди и друго) за факти за кои органот на државна управа и органот на локална самоуправа води службена евиденција.
 
Промените се во согласност со Законот за општата управна постапка, при што утврдена е обврска за постапување на министерствата, другите органи на државната управа и организации утврдени со закон.
 
Фондот за здравствено осигурување од самиот почеток на проектот за едношалтерски систем активно е вклучен во неговата имплементација.

OhridNews