Зијадин Села од ДПА останува градоначалник на Струга, откако Државната изборна комисија прифати само два приговори поднесени од ВМРО-ДПМНЕ.

Како што пренесува „Макфакс“, по целодневна расправа за 17-те приговори, членовите на ДИК одбија 13 приговори, за две избирачки места ќе се чекаат гласачките кутии, а само два приговори беа прифатени.

 Но бројот на гласови во овие две избирачки места не може да влијае на изборниот резултат, бидејќи разликата меѓу двајцата кандидати за градоначалник на Струга е околу 5.000 гласа.

Ќе се носи избирачкиот материјал и од гласачкото место, 1885, односно од селото Вишни, кое не беше оспорено, но гласачки ливчиња со печат од ова избирачко место се нашле во гласачките кутии од избирачките места кои беа оспорени.

ВМРО-ДПМНЕ ги оспори избирачките места, каде што се нашле ливчињата од 1885 и побара да се поништи гласањето бидејќи имало сомнеж дека со овие ливчиња се правел таканаречениот „бугарски воз”.

Расправата за Струга кулминираше кога членот на ДИК, предложен од ДПА Бедрадин Ибраими побара да се провери каде е гласачкото место 1885 и каков етнички состав има населението од ова место.

Откако се утврди дека во ова место има 19 гласачи, Македонци од кои девет гласале и сите гласале за кандидатот за градоначалник на ВМРО- ДПМНЕ, Ибраими обвини дека фалсификатот потекнува токму од гласачкото место 1885.

Побара подносителот на приговорот, ВМРО-ДПМНЕ да им се извини на членовите на ДИК, предложени од СДСМ, Виолета Дума и Борис Кондарко и на сите Албанци и Македонци кои живеат во Струга.

Расправата во ДИК за приговорите за Струга започна и заврши тензично. Синоќа, откако беа прифатени два приговори за Струга, членовите во ДИК, од ДУИ и ДПА обвинија дека се гласа по етнички клуч.

Владимир Кочовски, заедничкиот кандидат на двете најголеми македонски партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ има освоени 15,276 гласови, а Зијадин Села од ДПА зад кого застанаа сите албански партии освои 20.770 гласови,

Распрвата во ДИК продолжи, а на ред се приговорите СДСМ кои поднесоа 252 приговори за 15 општини.

OhridNews