Потрошените речиси една милијарда евра земјоделски субвенции во изминатите години, не дадода резултат. Нестабилно е производство на пченица, приносот е под четири тони на хектар, сортите за семе се лоши, а технологијата застарена. Сточниот фонд се намалува, увозот е зголемен, од традиционален производител на млеко, земјава денес е голем увозник.
Ова се само дел од оценките на Стопанската комора на Македонија за актуелната состојба во агро секторот. Комората денеска на прес-конференција излезе со конкретни мерки кои, како што беше речено, се во насока на драстичен, длабок рез и серизоно преструктуирање.

Распределба на субвенциите, не по површина, туку по предаден килограм производ во регистрирани преработувачки капацитети, промена на сортиментот, окрупнување на земјиштето, инфраструктурно уредување и дигитализација на руралните средини, формирање кооперативи, како и поддршка на големите компании, се клучните препораки на Стопанската комора за развој на земјоделството.
Од 20 милиони евра поддршка во 2006 година до скоро 200 милиони денес, потрошени се речиси една милијарда евра за земјоделството, но резултатите се поразителни. Начинот на субвенционирање мора да се смени за конечено да се разграничат вистинските земјоделци, професионалците, од оние кои добиваат поддршка, но не прават ништо за развој на производството. Мора еднаш да се направи пресек за некои работи, што можеби е болно, но само така за кратко време фармерите ќе се преструктуираат и ќе тргнеме во вистина насока ако сакаме да движиме кон ЕУ. Доста беше веќе традиционално производство, треба да се поддржат бизнис ориентираните, професионални производители, истакна Ристовски.
Комората акцент става на месната, млечната, винската и мелничко-пекарска индустрија, но смета дека не помалку битни се и останатите сегменти од агро секторот.
Потребно е интервентно решавање на суштинските проблеми во млекарството и месната индустрија, мелничарството и винарството за да се зачуваат сточниот фонд, лебното жито и лозарството. Дури потоа може да се размислува за стимулативни мерки кои ќе носат раст, посочи Ристовски.

Во месната индустрија која се соочува со нелојална конкуренција и недостиг на суровина за преработка, одлуката на Владата за безцарински увоз на свинско замрзнато месо како инпут ги даде првите позитивни резултати веднаш со воведувањето, оценува Комората. Иако реалните економски ефекти на одлуката донесена во јуни 2018 почна во четвртиот квартал на 2018, позитивните резултати се повеќе од задоволителни. Со вакво темпо, како што истакна и Ристовски, се очекува месната индустрија повторно да стане нето извозник и да остварува забележителен девизен прилив. Исто така, економските ефекти од воведената автономна мерка на Владата претставува дополнително оправдување за барањето на домашните преработувачи на месо и преработки од месо истата да се преточи во постојано законско решение за потребите на месната индустрија.


На новинарско прашање за продажбата на државното земјоделско земјиште – мерка што ја најави премиерот Зоран Заев, Ристовски одговори дека во овој случај точно мора да се знаат начинот и принципите по кои ќе се врши овој процес.
Уште кога се покрена ова прашање, пред седум-осум години, Комората беше јасна како се продава земјиштето, по кои правила и како треба да се заштитат правата на државата, повикувајќи се притоа на најдобрите искуства. Не смее да има политиканство и други игри. Земјиштето и при распределбата и при продажбата мора да се даде на професионалци, да заврши во вистински раце – кај оние што ќе го работат, кај професионалните фармери. Секое друго пренасочување и распределување нема да даде ефект и ќе биде промашена мерка, дециден е Ристовски.
Тој на прес-конференцијата информира и дека компаниите од агро секторот по првите месеци од корона кризата кога беа откажани голем дел од нарачките, полека се консолидираат. Со закрепнувањето на европскиот пазар и тие се враќаат на посакуваниот колосек.
OhridNews












